За да нема забуни, кога кажувам „политика“ мислам на оригиналното значење на зборот: државни прашања или „грижа за државата“. За мене под политика не спаѓа само надворешна/внатрешна политика, туку и економија, култура, здравство, образование… Затоа „програмава“ нема да ја делам на секции, туку ќе ја пишувам по принципот „кому иде“, т.е. не мора да значи дека она што е прво спомнато е најважно. Исто така сметам дека е важно да напоменам дека не сум економист, не сум политиколог, не сум социолог, не сум психолог – не сум никаков *.лог или *.ист.
Една од работите што паѓа во очи кога ќе се разгледа македонската политика и македонското политичко битиствување е недостатокот на визија. Изгледа дека опстанокот на Македонија како држава, како економија, зависи од влезот во НАТО и ЕУ. Таквиот став воопшто не ми се допаѓа, пред сè затоа што е дефетистички: Ако не влеземе во НАТО/ЕУ, ни се еба мамата (не за друго, не знаеме што ќе правиме тогаш). Тука се бара онаа визија, затоа што ако моменталната визија се НАТО и ЕУ, глупаво и непрактично е да се нема резервна, „А што ако…“ визија. (На страна што е уште поглупаво тоа што се цупка во место додека да се исполни таа НАТО/ЕУ „визија“.)
Лично, сметам дека членството во НАТО е непотребно. НАТО е воен блок чие постоење е анахронизам. На страна анахронизмот, мене најмногу ми смета тоа воен. Учеството на Македонија во мисиите во Авганистан и Ирак, за тие луѓе таму, е агресорско. Ставете се на нивно место и замислете Македонија да ја освои… што знам, ОПЕК. Зарем нема секој учесник во таа агресија да го гледате како дел од неа? Или ќе кажете „Ах, овие војници се од Венецуела, они се океј, не се толкави буљаши како овие од Саудиска Арабија“? До сега никој ми нема дадено задоволителен одговор на прашањето „Што ќе ни е НАТО?“ Единствен можен одговор е дека, демек, НАТО ќе биде гаранција за територијалниот интегритет. Што е нонсенс. Ако НАТО има некаква повелба за не-агресија, САД се имаат посрано на неа во многу наврати. Ако има повелба за ненапаѓање помеѓу членките, погледнете ги тензиите помеѓу Грција и Турција (обете членки на НАТО). Внатрешни проблеми? Реакцијата на тоа ќе биде „Големи сте, решете си тоа таму…“ Единствен начин Македонија да се заштити од „агресија“ е да има добро обучена и посветена војска. За да има добро обучена и посветена војска, тие војници треба да бидат задоволни со вработувањето и со перспективите што произлегуваат од тоа вработување. Тоа, до сега, не е средено, а верувам дека постојат механизми и начини да се среди. А внатрешната „агресија“ мислам дека ќе се реши ако Македонија стане држава каде што ќе им биде ќеиф на сите да живеат, наместо да се жалат дека живеат во Шупакот на светот.
Дури и членството во ЕУ ми е дискутабилно. Регулативите на Унијата се претерано строги, претерано униформни и не дозволуваат речиси никаква слобода (на израз, на мислење, на однесување, на функционирање). Ефектите од нивните регулативи првин ќе ги почувствуваат земјоделците, па угостителите, па граѓаните (кои што ќе кенкаат дека овошјето и зеленчукот се пластични, дека храната во сите ресторани е иста, дека нема место за пушачи…). Не велам „Не“ за ЕУ, ама мислам дека треба добро да се размисли. Нормално, отворен сум за сугестии и објаснувања зошто ни се толку неопходни НАТО и ЕУ. (тоа е уште една напомена: ниту еден дел од програмава не е ригидно поставен, без шанси за менување)
Мојата визија е Македонија да биде место каде што ќе се живее и работи со мерак. Место каде што луѓето со гордост ќе кажуваат дека се Македонци и ќе бидат среќни што живеат тука, а не на друго место. Сметам дека има многу неискористен потенцијал. Од една страна имаме одлично поднебје за одгледување на најразлични земјоделски култури, од друга одлични услови за развој на туризмот. А постои начин и да се искомбинираат обете гранки со тоа што ќе се легализира марихуаната. И тоа не само да се легализира, туку државата да овозможи услови за масовно одгледување и култивирање на растението. Дали и колку некој ќе го користи за лични потреби во Македонија е ирелевантно, затоа што продажбата ќе биде претежно насочена кон странските туристи. Македонија има многу подобри климатски услови и убавини (од Холандија на пример) за развој на „зелениот“ туризам. Марихуаната може да се користи и за производство на многу други работи (на пр. од иста површина посадена со дрвја ќе излезе помалку хартија отколку од површина посадена со канабис).
Од друга страна, државата би имала екстремно строга политика кон другите дроги и кон оние што ги дистрибуираат. Постоечките зависници ќе добијат шанса да се излечат на сметка на државата (но никако со метадон) или шанса да си заминат во држава каде што ќе можат да дојдат до дрога. Затворите ќе бидат опремени со стручни лица што ќе помогнат во рехабилитацијата на криминалците, и нема да служат само за казнување.
Би се создале услови (со едукација, доведување на експерти/искусни луѓе) за да луѓето од затворените и згаснатите фабрики си ги земат во свои раце и да работат со нив како колектив, водени од јужно-американското искуство. Колективите на почеток би имале стручна помош за да им се објасни концептот на колектив („Сите треба да работите напорно за да сите земете пари… ако некој забушава, никој нема да земе пари“), но потоа би биле препуштени сами на себе, без никаква помош од државата. За мене е бизарен социјалистичкиот систем каде сите земаа плата на први, без оглед на тоа колку (и дали воопшто нешто) сработиле. Јавната администрација би била сведена на апсолутен минимум и би се децентрализирала (на пр. ако сте се родиле/венчале во Струмица, да може да извадите документи во Скопје, Тетово или Охрид). Вработувањето во државните институции би било врз основа на (тестирана или со искуство докажана) компетенција, а ќе се воведат тестови за тестирање на компетентноста (на повеќе нивоа) на веќе постоечките државни службеници.
Ќе се тестира и компетентноста на постоечките универзитетски професори и ќе се оневозможи (речиси) доживотното професорување со тоа што ќе се оценува нивната работа на одреден период. Ова ќе важи само за државните универзитети. Наставниците, професорите и сл. ѕверки по основните и средните училишта, а и воспитач(к)ите во градинките ќе мораат да бидат педагози, затоа што образовниот концепт ќе се смени (речиси од корен). На децата веќе нема да им се истура знаење со сила, туку ќе мора да биде поттикнат нивниот интерес. Со таа цел, големината на паралелките нема да биде поголема од 10-15 деца. Можеби ќе треба многу повеќе педагози, меѓутоа мислам дека со крајниот резултат ќе се исплати трудот. Децата треба да се чувствуваат како дома во државните образовни институции, а не како секој ден да одат на тортура во некоја си безлична зграда (нема потреба од „разубавување“ на зградите, мислам дека со „разубавувањето“ на образовното искуство ќе се разубави и изгледот на зградата). Добриот педагог треба да го разбуди интересот кај децата – тие се и онака природно љубопитни – за што е можно повеќе области, да се открие афинитетот на секое посебно дете кон одредена област и да се стимулира неговиот (самостоен) развој во таа област (затоа и толку мали паралелки). Образованието треба да биде сеопфатно искуство, проткаено со знаење, емоции, задоволство и непресушна љубопитност, а не само со сувопарно сервирање на информации.
Руинираните училишни згради ќе бидат еден од првите 5 приоритети за средување, а за нивното средување ќе биде одговорна фирма (или фирми) што ќе се одреди преку тендер. Тендерите ќе бидат најтранспарентни: деталниот финансиски план ќе биде објавен во сите медиуми – од цената на работната рака, до цената на лепакот со кој што ќе се лепат плочките. Сакам да се избегне пумпањето на цени на тендери за профитирање на фирмите (а и на политичарите).
Медиумите може да си продолжат да функционираат како такви, но владата би понудила опција за претворање на секој медиум во колектив – евентуално со откупување од „газдите“. Меѓутоа во ниту еден момент нема да добиваат пари од владата – ниту за реклами, ниту за плати. МРТВ ќе се затвори на 2-3 месеци, сите вработени ќе бидат отпуштени и повторното вработување ќе зависи од нивната компетентност, а не од тоа колку години се на работа или дали синдикатот рекол „Не може!“. МРТВ е јавен сервис, а не сервис на вработените или на синдикатот, и треба да остане јавен сервис. Сервис на македонски се преведува како услуга. Тоа значи дека треба да има (добро осмислени) образовни, музички, политички програми, програми што нема да служат за промовирање на одредена опција, туку програми што ќе служат за информирање на целата јавност, во сите можни области. На почетокот новата МРТВ ќе се плаќа од буџетот, а ако со тек на време се оправи квалитетот на програмата, може повторно да се воведе граѓанската такса.
Најригорозните тестови за компетенција ќе се спроведуваат во здравството. Компетентните доктори ќе бидат платени како што треба, а целиот здравствен систем ќе мора да доживее преродба. Она што го има денес е, во најмала рака, катастрофа. Ќе се воведе посебен фонд за луѓето што мора да се лекуваат во странство, а процедурата за одобрување и (не)одобрувањето на средства ќе бидат транспарентни. Оној дел од платите што им се зема на граѓаните за фондот за здравство ќе биде соодветно употребен, а ќе се централизира, автоматизира и редовно ажурира базата на податоци на сите аптеки во Македонија – ако не можете да го најдете лекот во дотичната аптека, ќе ви кажат во која ќе може да го најдете.
Судството исто така ќе мора да се реформира. Судиите ќе добијат поодврзани раце, но ќе мора да работат и прекувремено за да се решат заостанатите случаи, а новите да се решаваат што е можно побргу. Влечењето на еден случај по суд со години е безобразно – ако обвинетиот (или негов застапник) не се јави на рочиштето (без образложение) повеќе од еднаш, тогаш ќе се донесе пресуда во негово отсуство. Секој обид да се врши (политички/економски/физички) притисок врз судството ќе биде строго казнет. Секој судија фатен како „подлегнува“ на притисокот ќе биде исто така строго казнет.
Граѓански слободи ќе има многу повеќе од денес. На пример, јас би го легализирал хомосексуалниот брак (уште еден начин да се привлечат туристи), а би ја легализирал можноста на хомосексуалните двојки да посвојат дете. Знам дека многу ќе рипнат за ова последново, меѓутоа до сега немам сретнато асален аргумент против – ако го имате, бујрум и споделете го (за да не си ги трошите попусто прстите, аргументот „Ќе го одгледаат да биде хомосексуалец“ паѓа во вода кога ќе погледнете дека повеќето (ако не и сите) хомосексуалци потекнуваат од хетеросексуални бракови). Меѓутоа мислам дека на една работа ќе мора да се внимава: Граѓански слободи да, меѓутоа се додека не влијаат на слободите на другиот. А попречувањето на туѓите граѓански слободи и права ќе биде строго санкционирано. На пр. казна за „пијанство на јавно место“ е глупост, меѓутоа „физичкиот напад (без оглед на (не)трезната состојба)“ најверојатно ќе донесе и престој во затвор. Пушењето ќе биде забрането на работното место, во државните институции, музеи и сл. места, меѓутоа што се однесува до кафулињата и рестораните, тоа би им го препуштил на сопствениците. Сигурен сум дека секој може да процени какви муштерии има и какви муштерии сака. Исто како што сум сигурен дека ако на непушачите толку им смета чадот во некое кафуле можат да си излезат или да не се вратат таму. Исто како што сум сигурен дека ќе се отворат специјални кафулиња и ресторани за непушачи. Меѓутоа, сопствениците ќе бидат обврзани да истакнат на видно место дали локалот е за (не)пушачи.
Полицијата ќе мора да се однесува љубезно, без разлика дали станува збор за алфи, бети или тет(к)и. Насилство (или оружје) ќе може да се користи исклучиво во самоодбрана, па дури и тогаш во секој поединечен случај ќе се изврши детална истрага дали насилството било оправдано или не. Како што нема да има толеранција за прекршувањето на законите, така нема да има толеранција ни за учесниците во власта што го кршат законот. Од друга страна пак, полицијата ќе добие дополнителна обука за боречки вештини и ќе се разгледаат алтернативи за носењето огнено/убиствено оружје. Секој полицаец ќе биде обврзан да го познава законот што го спроведува и да постапува соодветно – во спротивно му следува казна.
Секоја фабрика, фарма, производство ќе мора да се држи до одредени еколошки стандарди – во спротивно ќе биде затворена. Нема да има толеранција за затајување/неплаќање на данок, а контролите ќе бидат детални и исцрпни. Исто како што нема да има толеранција за непочитувањето на работничките права. Секој работодавец ќе биде обврзан да прави полугодишно оценување на работата на секој вработен поединечно и, ако работата на вработениот не ги задоволува стандардите пропишани во договорот што го има склучено со компанијата, ќе може да ги отпушти, но само откако упатил предупредување до работникот.
Можеби ваквото работење ќе одзема повеќе време и ресурси, меѓутоа мислам дека мора да биде така се додека не се трансформира менталниот склоп од „Јас“ во „Ние“. Мора личното добро да се изедначи со општото добро. Никогаш не сум го сфаќал концептот на „крадење“ државни пари. Политичарите имаат смешно високи плати за македонскиот стандард – ако си ја работат работата како што треба, следните избори повторно ќе ги изберат на власт. Тоа би била уште една промена: политичарите ќе земаат просечна македонска плата. Ако сакаат да земаат повисока плата, нека преземат нешто за да се подобри стандардот. Сите финансии на политичарите и нивното најблиско семејство ќе бидат транспарентно изложени, без исклучоци, со казни за оние што нема тоа да го сторат во дадениот рок.
Културата ќе биде приоритет, меѓутоа не толку важен како претходните. На културата ќе и се посвети вистинско и темелно внимание дури откако Македонија ќе престане да дише на шкрги (во економски и политички смисол). Дури тогаш ќе може да правиме муабет за статуи, крстови, џамии, цркви и сл. тракатанци. Македонија го има потенцијалот да стане Мека на културата на Балканот, меѓутоа тоа нема да се постигне со правење на 22-метарски статуи или со градење на нови верски објекти кога имаме толку многу стари што се распаѓаат. Флертувањето со верските заедници воопшто не ме интересира. Сметам дека една квалитетна политичка опција нема да има потреба од поддршка од која и да е верска заедница затоа што ќе си работи онака како што треба, за интересот на државата, а не за интересот на овие или оние. Религијата, нормално, ќе си остане слободна, меѓутоа ќе се воведе фискализација. Сметам дека премногу пари се слеваат таму и мислам дека е крајно време да имаме црно на бело колку. Нема да се остават дупки во законот од типот на „донации“.
Ќе се спроведе сериозна борба со корупцијата во сите сфери на општеството. Секој знак на корупција ќе биде сурово казнет.
Има уште, знам дека немам опфатено сè. Сега за сега толку ми текнува. Слободно дополнувајте или мрчете.