Posted by: Бојан | Април 23, 2009

Креација или Еволуција?

Секаде во светот се учи дека човекот бил создаден од Бог и дека е наследник на Адам и Ева, а кај нас и понатаму децата се учат дека се создадени од мајмуни

Ова е изјава на еден од „вероучителите“ дадена синоќа за време на протестите пред Уставен суд. Нема да навлегувам во тоа што значи тоа „секаде во светот“. Нема да навлегувам во инцестуозните импликации на „наследник на Адам и Ева“, ниту пак ќе навлегувам во „создадени од мајмуни“. (Иако ова последново е индикација за огромна грешка во менталниот склоп на „вероучителите“.) Во овој пост сакам да зборувам за разликата помеѓу Креацијата и Еволуцијата – барем онаа разлика што мене ме тера да ја отфрлам Креацијата во полза на Еволуцијата.

„Теоријата“ на Креација (наводниците се затоа што не постојат никакви докази за неа) е дека човекот е создаден од еден бог, кој што му подарил живот, душа и место за живеење. Теоријата на Еволуција (тука нема наводници затоа што постојат докази, иако сепак останува „само“ теорија) пак вели дека човекот еволуирал од „нижи“ форми на живот. Разликата помеѓу зборовите настанал и еволуирал е огромна. Првиот имплицира дека Нешто (во овој случај Човекот) одеднаш, како гром од ведро небо, постанало човек. Вториот пак имплицира дека Нештото, со тек на време и напорна работа, се приспособило на новите услови на живот – поинаква исхрана затоа што дотогашниот извор „пресушил“, поинаков начин на доаѓање до храна (на пр. лов), поинаков начин на приготвување на храната, итн. – и, полека, прераснало во човек.

(не сакам да навлегувам во разните теории (на заговор) за тоа како и зошто била возможна еволуцијата – за целите на овој есеј ја земам дарвиновата теорија како точна)

Мојот проблем (а претпоставувам и проблемот на целото човештво) со приказната за Креацијата е идејата дека Некој/Нешто му подарило живот на Човекот. Дека сето она што го имаме е само подарок и ништо друго (доволно е да ја прочитате првата книга од Стариот завет за да видите со каква терминологија се користи Креацијата). Тоа, според мене, е лошо од повеќе причини.

Првин, гледајќи го животот и, воопшто постанокот, како подарок се лишуваме од одговорноста за сопствените животи. Секогаш ќе чекаме Некој да направи нешто за нас (дали тој Некој е некаков бог, Влада, НАТО или ЕУ е ирелевантно). Ќе се молиме и ќе кукаме и ќе викаме „Тоа е Негова волја“ (повторно е ирелевантно дали е волјата на некој си бог, на власта или на некоја меѓународна организација).

Второ, гледајќи на Земјата како на подарок, многу е лесно да бидеме неодговорни со неа. Човекот не е вон Природата и Земјата како систем, ниту е поставен наспроти тој систем. Многу е полесно да се запостави подарок, отколку нешто што ни е мило и го сметаме како дел од себе (или се сметаме ние за дел од него). Колку пати ви се има случено некој подарок (што и не ви е толку мил) да го подарите на некој друг? А колку пати ви се има случено вашиот партнер да го подарите на некој друг?

И трето, а можеби и најважно, идејата дека има Некој/Нешто што ме создал, мене лично ме лишува од одговорноста за моите постапки Тука и Сега. Секогаш можам да кажам „Јеби га, ќе ми суди Бог“ и со тоа да си ги оправдам постапките. Слична фраза (без она јеби га) е омилена мантра на македонските свештени лица, а верувам дека и Инквизицијата кога палела и мачела луѓе низ Европа имала сличен став. Човекот не смее да верува дека некој ќе му суди кога ќе умре. Точно е дека тоа може да спречи некои активности, но најчесто луѓето го користат Крајниот суд како изговор за правење злосторства. Сигурен сум оти Хитлер верувал дека прави богоугодни работи кога ги праќал Евреите во гасните комори, како што и Крстоносците верувале дека прават божји дела кога масакрирале муслимани на Блискиот исток, како што и македонските „крстоносци“ веруваа дека тепањето на „атеистите“ на плоштад е само пример како Бог делува преку луѓето на мистериозни начини.

Од друга страна, Еволуцијата значи дека ние сме работеле на тоа да станеме луѓе. Сме вложиле труд да станеме нешто повеќе, нешто подобро од она што сме биле. Не затоа што „така било пишано“ или затоа што „Некој така сакал“. Напротив, ние сме еволуирале затоа што не сме биле задоволни од тогашните услови на живот. Сме барале начин како да се прехраниме и како да живееме понормален живот, останувајќи при тоа дел од Природата. Еволуираниот Човек никогаш не може да биде поставен вон или наспроти Природата. Затоа, за мене, некои африкански племиња се многу подалеку во еволуцијата од нас.

Меѓутоа, јас не верувам дека Човекот е врвот на еволуцијата. Сметам дека имаме уште многу за Одење.

Психологот и философ Ерих Фром во својата книга Умешност на Љубовта вели дека во развојот на човекот постојат три фази. Првата е раното детство (до 6-7 години) кога на детето му е доволна љубовта на мајката – безусловна љубов, љубов што ја добива само затоа што постои. Втората фаза (над 6-7 години) е кога му е потребна љубовта на таткото – љубов која што треба да ја „заработи“, љубов која што е доделена според постапките и делата на детето. И третата, конечна фаза, фазата на Себе-остварување, е моментот кога детето ќе може да се осамостои од потребата за љубов од мајката и таткото и ќе може таа љубов да си ја подари сам на себе. Според него, се додека човекот не може да се осамостои од потребата да биде сакан од Некој Друг, човекот нема да биде доволно зрел за да сака некој друг.

Меѓутоа, во истата книга Фром зборува и за љубовта кон/од Бога. Тој ги наоѓа трите фази и во развојот на човештвото како целина. Првин тука бил матријархатот: постоела една мајка-божица која што го создала светот и го сакала Човекот безусловно – само затоа што постои. Потоа на сцена настапил патријархатот и машките божества (таткото-бог е лик присутен во сите митологии – од јужно американските, преку африканските и европските, се до јудео-христијанските): човекот морал да ја заработи љубовта на својот бог – „Ако не се однесуваш на ваков и ваков начин, ќе те казнам (и ќе гориш во пеколот), а ако се однесуваш така и така, тогаш ќе бидеш награден и ќе те сакам за век и веков“. Сигурен сум дека сите имаме или знаеме по некој пример каде детето за да ја „заработи“ љубовта/одобрувањето на таткото правело работи што или на него лично не му се допаѓале или инволвирале повредување на некој друг („Тато вика дека треба да бидам тепач, а не тепан“).

Следствено, третата, конечна фаза од развојот на љубовта кон/од Бога е надраснување на потребата од таа љубов – затоа што можеме самите да си ја пружиме. Секој да си биде сам на себе судија и џелат, секој сам да е одговорен за сопствената среќа и несреќа, секој сам да е одговорен за живеењето во подобар свет и квалитетот на сопствениот живот. И кога така ќе созрееме, ќе можеме да сториме се’.


Responses

  1. Убаво кажано. само, линкот до изјавата на вероучителот не е добар, ако можеш да ја најдеш и да ја оставиш во коментарите, да има што да не занимава на следниот собир на еволуционисти.

    Инаку, текстот до којшто води линкот денеска зборува за тоа како владата сака да го менува уставот за да ја заобиколи одлуката на уставниот суд… брилијантна идеја! Не може да се менува уставот поради проблемот со името за да би можела македонија побрзо да влезе во Европа или за некои други побитни работи (како на пример квалитетот на образованието) ама за веронаука може. Одлично, одлично! патем не треба некој референдум или нешто такво за менување на устав?

  2. Изјавата е дел од текстот. Препрочитај го претпоследниот параграф.

  3. good one

  4. Таму било, indeed. Вака сега кога го препрочитувам текстот, изјавата на вероучителот и не ме шокита толку многу во одонс на се друго што е кажано во истиот текст. Ама твоето резонирање останува одлично

  5. Генијално, како и секогаш, но еден дел не ми е баш јасен: “А колку пати ви се има случено вашиот партнер да го подарите на некој друг?”

    Јас не подарувам, јас ослободувам :)

  6. Изгледа не бев доволно јасен. Не мислев подарување во смисол на „Еве ти ја/го, јас завршив со неа/него“ туку „Еве ти ја/го, можеш да ја/го искористиш, али да ми ја/го вратиш после.“ Целта ми беше да направам паралела помеѓу подарок и нешто што го сметаме како дел од себе.

    На пример оној мачо муабетот „Поарно ќе му ја дадам жена ми, отколку колата!“

  7. pa ako sami sme nastanale od sebe odgovornosta gledam nie na zavidno nivo
    vtoro apa od sto zemjata e nasa pa sto da ti kazam deka e cista i suredena, bas deka zemjata ne nasa ke bideme poveke odgovorni
    i treto za razlika od tebe jas NESAKAM DA SUM MAJMUN
    MOZEBI TI SI MAJMUN AMA JAS SUM SIN NA BOG
    POZDRAV


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

Категории

Follow

Get every new post delivered to your Inbox.