Денеска кога се разбудив, го вклучив сметачот, па го вклучив и се вклучив. Го вклучив Интернет прегледувач и се најавив на Мрежата за другарување Лицекнига. Забележав дека неколку мои пријатели ми пратиле врски, а една од нив беше и до напис во дневниот весник Дневник. Насловот на написот ме привлече и ја следев врската во ново јазиче. Додека се отвораше врската, ја отворив мојата електронска пошта на ГПошта и забележав дека една пријателка ми пратила електронско писмо со придружен документ – документот беше претстава направена во МоќнаТочка. „Нејсе“, си велам и го вклучив Збор бидејќи требаше да довршам нешто од синоќа. Забележав дека автоматското ажурирање на Прозорци ми кажува дека има нови ажурирања, но го стиснав за да се затвори. Повторно се вратив на Интернет прегледувач и го видов текстот. Вели дека конечно ќе се издаде лексикон на македонски сметачки изрази. Јас веднаш се израдував бидејќи смачено ми е веќе од тоа луѓето да користат лоши, немакедонски зборови за далекугледливи приспособувачи, набљудувачи со катодна зрачна цевка или со течни кристали и сл. Конечно ќе ни се исчисти прекрасниот јазик од странски изрази. Македонскиот јазик е богат јазик со изворни, македонски зборови како алва, баклава, кроасан, транзистор, радио, телефон, телевизија, религија, физика, хемија, биологија, философија, психологија, штекер, бормашина, шмиршајбна, бургија, метар, километар, секунда, минута, јануари, февруари, киви, банана, мусака, виски, водка, комуникација, мобилен, Исус Христос (знаете дека ова е грчката верзија на името и титулата, така?), итн…
Разбирате колку е апсурден ваквиот чекор? А сфаќате колку е непотребен? Ви се случило некогаш да помислите „У пичку матер, како нема македонски збор за линк?“ Мене никогаш. На страна што сметам дека колку повеќе јазици знае и зборува еден човек, толку е попаметен, туку мислам дека странските зборови можат само да збогатат еден јазик. Видете ги само првите две реченици. Може да направите разлика помеѓу вклучување („уштекување у штекер“), вклучување („пуштање“ (на копче)), вклучување („закачување на нет“/„онлајн“) и вклучување (пуштање на програм)? Дури и да се употреби некој друг израз, прашање е кога тој израз ќе биде „македонски“ а кога „интернационализам“.
Се претерува. Кога се обидував на една другарка да и помогнам со Огнената лисица (ФАЈРФОКС!) ми кажуваше бизарни зборови како алатница (тулбар). Кој курац е алатница? Постои таков збор? Ќе измислуваме нови зборови? Меѓуножногазотрескало? (знам дека има збор за велосипед, ама сепак!) Јазикот не треба да се „зачува“ туку да се негува. Јазикот е жива материја и како секоја жива материја тој се развива и мутира. Ако почнеме уште сега со новоговор, каде ќе ни биде крајот?
Е овде не се согласувам со тебе.
Како тоа Хрватите користат народен говор за сѐ поврзано со компјутерите и техниката, на пример викаат рачунар за компјутер. Смешно и чудно за нас, а? Епа затоа наредните генерации ќе бидат навикнати и тоа воопшто нема да им биде смешно. Ако си отворил BUG или Mreza ќе се увериш дека го користат својот сопствен јазик а не англицизми.
Колку и да е глупаво зборчето, тоа е наше! Патем кажано, термини што се авторски права како GMail, Windows, MS Word/Excel/Access/Power Point, Firefox, Facebook итн. не се преведуваат. :)
Жално е што скоро сите имаат своја IT терминологија освен ние. Си се запрашал ти за тоа? Жал ми е ама тагот идиотизам воопшто нема смисла да се постави на оваа статија. Зарем подобро е да се вика десктоп наместо нашето работна површина
Размисли колку многу се користи англискиот јазик и нивните изрази во обичниот говор и на телевизија, зборови како ПИ-АР, квартал па дури и министрите и Груевски самиот користи такви изрази.
Ајде кажи ми, дали ти се смешни Хрватите што толку си го почитуваат својот сопствен јазик?
Исто да ти кажам дека претеруваш со некои од преводите, „мрежата за другарување“ може да биде едноставно „социјалната мрежа“ или „мрежата на пријатели“ што е подобро отколку првиот превод, јазиче е официјализирано во МК преводот на Firefox итн.
Мала забелешка: Не сум за прифаќање комплетно на сите изрази, но на голем дел од нив.
Чекам одговор :)
By: white_eagle on April 29, 2009
at 9:54 am
„социјално“ не е македонски збор. Исто како и психологија, философија и сл. Оние „македонски“ зборови што ги наведов НЕ СЕ македонски.
Зборови како ПиАр си имаат соодветен превод што не може да има поинакво значење. „Односи со јавноста“ не може да значи нешто друго освен ПиАр. Патем, „министри“ и „премиер“ исто така не се македонски зборови.
Почитувањето на сопствениот јазик нема врска со преведување на СЕ на македонски. Ако веќе толку се забегува, јас сакам првин да се преведат зборовите како Баклава, Алва, Тулумба, Шербет, Мусака, Шофершајбна, Куплунг, Дизна, Штрафцигер, Алансер, Акумулатор, Мотор, Автомобил, Дихтунг, итн. Првин нека се преведат тие, па потоа ќе зборуваме за тврда тркалезна плоча и нови јазичиња.
Затоа што преведувањето на македонски значи преведување на СЕ. Не може да се има двојни стандарди. А тагот идиотизам не е само заради апсурдноста на ваквиот чекор туку и заради насловот: Македонија има премногу други, поважни проблеми од компјутерска терминологија.
By: Бојан on April 29, 2009
at 10:14 am
Јас понудив и друга алтернатива наместо „социјална мрежа“ затоа што претпоставував дека „социјална“ не е македонски збор.
Не ми одговори дали ја имаш видено Хрватската терминологија.
Патем, оди на блогот од Мозила на македонски и прашај ги зошто „го прават македонскиот јазик бизарен“ со зборови како алатник.
By: white_eagle on April 29, 2009
at 10:42 am
мене ми текна на нов збор читајќи го текстов – лингвистички креационисти (немам соодветен превод во чисто македонска терминологија).
Како што ортодоксните креацинисти веруваат дека човекот се појавил во даден момент на земјата (добро, не се појавил, бог го создал) и дека ќе остане каков што е засекогаш (оние поекстремните одат до таму што тврдат дека ни технологијата не еволуира: во Стар Египет имало авиони, а денешниот напредок на технологијата не е напредок, туку некој ја крие..), така и овие лингвистичките креационисти веруваат дека македонскиот (францускиот) јазик е таков каков што е, таков бил и таков треба да си остане. По таа логика, дај да почнеме да ја употребуваме формата од првите пишани документи на македонски јазик. Или, да ги искоренеме дијалектите, има пречногу чешавини со јазиците од соседните земји.
ИЛИ, она што навистина би можело да помогне, е да се напише убава граматика по мајчин јазик (чисто илустративно, бројот на луѓе што ги знам коичто употребуваат “му” место “им” е навистина незанемарлив). или да се инвестира во превод на книги од странски автори на македонски, мислам дека добро би дошле неколку промени во програмата за настава по литература. Да се инвестира во катедрата по македонски јазик на филолошки за да може од неа да излезат добро образовани јазичари кои би помогнале за развојот и негувањто на македонскиот јазик.
By: Bo on April 29, 2009
at 11:05 am
Ја имам видено хрватската терминологија. Смешна ми е. Знаеш дека за пиштол велат „Самокрес“? Она „Меѓуножногазотрескало“ е македонска адаптација на „Međunožnodupetreskalo“ – еден од зборовите со кои што На Времето ™ се заебававме со Хрватите и нивните обиди да ги хрватизираат сите „странски“ зборови.
Користењето на македонски по секоја цена не е „показател за љубов кон татковината, идентитетот и јазикот“ туку за идиотизам, ксенофобија и/или страв од губење на сите три работи.
Затоа, се додека психолозите не станат душонаучници, психијатрите – душоисцелители, докторите – лекари/учители (тука подразбирам и доктор како титула), хеликоптер – спиралнокрилец, автомобил – самовоз, таксист – платен превозник, философија – мудрољубие, биологија – животонаука, физика – природа, виски – шкотска ракија, водка – руска ракија, вино – лесен алкохол од грозје, банана – жолто фалусовидно овошје со дебела лушпа, шербет – густа слатка вода, баклава – слатко лиснато тесто со ореви попарено со густа слатка вода… Се до тогаш јас нема да кажувам јазиче, работна површина и врска за таб, десктоп и линк.
Шала на страна, мене како преведувач ми одговара. Не учејќи странски зборови и неприфаќајќи ги во јазикот, јазикот само се осиромашува и се намалува фондот на зборови. Колку помалку зборови, толку полесно за превод. Без разлика што ти нема да знаеш дали уштекуваш во струја, пушташ (на копче), стартуваш (програм) или одиш online кога ќе ти кажам дека сум (се) вклучил.
By: Бојан on April 29, 2009
at 11:11 am
Стандардизација на јазикот. Тоа ни треба. Не измислување на нови зборови, туку стандардизирање од неколкуте што се во употреба, евентуално со неколку нови, ама само во краен случај.
Стандардизација, ДА! Произволно измислување на термини што никогаш нема да влезат во употреба, НЕ!
(Хрватите ни 5% не го користат новогововот… Гледајте нивните ТВ канали, уште се со српско-хрватскиот речник, освен на вестите)
By: Киро Велковски on April 29, 2009
at 11:14 am
@white_eagle (ај преведи се во бел орел)
Хрватите не преведуваат туку измислуваат.
Разликата е следна:
Преведуваш ако веќе имаш збор за истото нешто.
Измислуваш кога… треба ли да објаснувам?
Твоите коментари можам да ги сецирам и да испадне дека ниту 1/3 од зборовите не ти се автентични „наши“ (алтернатива, термин-терминологија, блог, алатник-алат е турцизам, односно персизам и арабизам, техника, автор, таг, идиотизам, статија, телевизија, министри, официјализирано, комплетно…). Што е тоа „наш“ збор? Па и тој некогаш влегол во употреба увезен од некаде (зборувам за оние 2/3 грцизми, латинизми, турцизми, персизми, арабизми, германизми, францизми, англицизми…). На крајот од краиштата колку е „наш“ и зборот Македонија?
By: бел орел on April 29, 2009
at 11:39 am
Си ме изнасмеал со текстов, незнаеш. Неодамна работев на проект за The Powers That Be, на слични преводи, ќе ги видиш коа ќе биде пуштено у јавност. :)
By: Бобо on April 29, 2009
at 12:33 pm
Околукучнетихотапшалице….
секоја земја си има свои идиоти, ред беше и нашиве да излезат на површина…
By: столе on April 29, 2009
at 3:31 pm
абе јазикот е жива материја и сакале ние или не тој сам по себе се менува… не смееме да ги исфрламе секојдневниот говор, жаргоните, ниту пак дијалектите само затоа што не спаѓаат во нормата…нормата е само еден дел од целиот јазик…затоа ако до тоолку некој сака да биде македонскојазикољубец нека го сака целиот таков каков што е…а не како шмизла некоја „го сакам дечко ми али патикиве му се многу жути!“:)))
By: бла on April 29, 2009
at 5:06 pm
еволуцијата на јазикот е нешто нормално, користењето на интернационализми, не мора да значи дека како јазик се уништува. имаме доволно македонски зборови кои треба да ги користиме, а за новите терминолошки изрази треба да бидеме отворени. крај краева идејата на цивилизацијата е да станеме сите едно, да имаме исти норми за тоа што е добро и лошо и на поедноставен начин да се разбереме со некој кој не е македонец. ако користиме македонски зборови за овие нови термини од 21 век, можеби и ќе го заборавиме универзалниот термин..
By: kihupotru on April 29, 2009
at 5:18 pm
Latin is unlikely to replace Italian in daily use at the Vatican, if only because many modern terms are somewhat convoluted. A computer is instrumentum computatorium.
By: philem0n on April 30, 2009
at 5:42 am
Не се согласувам со тебе,
кога можат хрватите, турците и уште многу други да си имаат своја терминологија за информатичките поими, зошто да немаме и ние?
Да ке биде тешко додека се навикнеме и правилно да ги преведеме сите поими, но со тоа нашиот јазик ќе си ја зајакне единственоста.
Ајде истражи и провери колку држави ги користат англиските поими, а колку ги имаат преведено на својот јазик?
By: Наум Локоски - Баварец on May 1, 2009
at 7:12 pm
Наум, ги прочита коментарите пред твојот? Ги разгледа аргументите и размисли на темата или веќе имаш изградено став?
Зимото бев во Франција и тогаш видов колкав хендикеп е да не се познава јазикот на програмот што го користиш. Работев „на слепо“ и „по сеќавање“. Проблемот ќе биде уште поголем за 10-20 години кога Македонец ќе му ја преведе на странец „работна површина“ како “working space”. Или „Личен сметач“ како “Personal calculator”. Или „ново јазиче“ како “new small tongue”.
Ова не е смешно, затоа што знам за пример каде што при диктирање на e-mail адреса еден Македонец има кажано “little monkey” на место “at” (за знакот @).
By: Бојан on May 2, 2009
at 11:31 am
Никој не го стандардизираше македонскиот јазик кога попримивме турцизми, србизми, грцизми, а никој не го стандардизираше ни албанскиот кога попримија словенизми. Да ги стандардизираа немаше да можам да ја напишам реченицава.
Јазикот постојано еволуира, прима од секаде и се збогатува. Не го прави помалку македонски, туку го прави подобар.
А, патем, eве неколку интересни информатичарски зборови за преведување: мултиплексер, декодер(одшифрувач?), cache, процесор (сметач, ама сметач веќе значи компјутер), систолично… Затоа фаците што викаат сметачи, датотеки и урнеци (ШТО КУР Е УРНЕК?! СЕ ВИКА ТЕМПЛЕЈТ!!!) сакам да им удрам бокс. Кој вика урнек бе, сериозно? И да има казни, редовно ќе плаќам за моето право да го користам зборот темплејт.
By: Информатичар on May 6, 2009
at 5:07 am
Апсолутно се согласувам со тебе.
Бесмислено е да станеме како хрватине и да паничариме измислувајќи нови зборови.
Некои работи едноставно треба да останат такви какви што се.
И нека измислат и милион нови зборови, ама јас како новинар нема да ги користам во моите текстови и ќе се карам со лекторите доколку ми ги менуваат во некои вакви бесмислени зборови.
А така.
By: Јофе on May 19, 2009
at 12:58 pm
sto znaci i od kade poteknuva zborot politika
By: ilija on September 9, 2009
at 7:16 pm
Потекнува од грчкиот јазик и значи (колку што знам) „државни работи“.
By: Бојан on September 9, 2009
at 9:18 pm