Posted by: Бојан | April 30, 2009

Bovine excreta

Или на англиски: bullshit. Поднасловот на текстов би бил: Како да препознаете демагог.

Демагогијата ја имам начнато неколку пати во претходни текстови и е една од работите со кои што имам проблем во јавниот „дискурс“ во Македонија. Пред се затоа што кога некој неаргументирано настапува бранејќи некоја теза ми ја навредува интелигенцијата сметајќи дека сум или доволно глупав или доволно обоен за да не размислувам и расудувам критички. А потоа затоа што на оние што се доволно обоени само им го зацврстува мислењето. Текстов е релативно сериозен. Ако сакате да научите нешто повеќе, читајте и понатаму. Ако очекувате смешки, чекајте некој следен текст.

Аргумент се состои од една или повеќе премиси и од еден заклучок. Премиса е вистинита или невистинита реченица која што ја поддржува тезата презентирана во заклучокот – кој што исто така е вистинита или невистинита реченица. Солиден и валиден аргумент е оној чии премиси се вистинити.

Пример: „Во Уставот на Република Македонија стои одредбата дека религијата е одвоена од државата. Основното образование се одржува исклучително во државни институции. Следствено во основните училишта не смее да има веронаука.“

Од другата страна стои Заблудата која што претставува грешка во резонирањето. Заблудата се разликува од фактичка грешка бидејќи не станува збор за имање неточни факти, туку за презентирање на „аргумент“ чии премиси не нудат доволен степен на поддршка на заклучокот – следствено заклучокот може, но не мора да биде вистинит.

Пример: „На 28 март на плоштадот Македонија се протестираше против изградба на црква. Против изградбата на црква може да бидат само атеисти и сатанисти. Следствено сите што протестираа против изградбата на црква беа атеисти и сатанисти.“

Најпознатата и најкористената заблуда во Македонија е Ad Hominem (против човекот).

Пример: „Одлуката на Уставниот суд за укинување на веронауката е политички мотивирана бидејќи сите уставни судии се поврзани со СДСМ“ или „Ти си неадекватен претставник на студентите затоа што си симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ“

Нормално, тука е и Повикувањето на авторитет. Ова е една од најчестите и најприфатливите заблуди затоа што ни делува сосема логично. Се разбира, не значи дека сите „аргументи“ што се повикуваат на некој авторитет се невистинити, но при повикувањето на авторитет треба прецизно да се утврди авторитетот и стручноста на тој авторитет да зборува за дадената тема, како и тоа дали станува збор за лично мислење на авторитетот или за некој вистинит факт.

Пример: „Ајнштајн и Њутн биле верници, па затоа ти како атеист што се повикува на науката треба да бидеш верник“ или „Премиерот денеска кажа дека во Македонија нема да стигне економската криза“ или „Професорот Тој и Тој е експерт по право и тој вели дека веронауката може да остане во училиштата“ или „Читав во една книга дека уствари ЦИА и КГБ ја растурија Југославија“

Една од пострашните заблуди е повикувањето на верување или ad populum.

Пример: „Повеќето луѓе веруваат дека Сонцето се врти околу Земјата“ или „Според најновата анкета, 65% од Македонците веруваат дека постои Бог“ или „90% од Македонците искажаа доверба кон Владата“ или „Хомосексуалноста е зла работа – прашај кого сакаш!“

Повикувањето на традиција или популарност е заблудата што мене највеќе ми смета во Македонија. Само затоа што нешто се правело со години или децении или векови не значи дека треба и понатаму да се прави.

Пример: „Веронауката со векови била присутна во македонскиот живот. Црквата со векови ги образувала Македонците.“ или „Веронауката е задолжителна настава во 20 европски земји, затоа треба да биде присутна и во Македонија“ или „Сите крадат/мамат/лажат, зошто не и јас?“ или „Можеби има корупција во образованието во Македонија, но корупција има низ сите институции и сфери на животот во Македонија“

Повикување на последици. Меѓу поморничавите и најзатскриените заблуди. Во овие заблуди демагогот се повикува на нешто што сите го посакуваат – помалку наркомани, повеќе работни места, повисок морал, повеќе среќа – велејќи дека ако се случи она што тој го пропагира тогаш ќе им се остварат желбите на сите.

Пример: „Ако не постои Бог нема да има основа за морал!“ или „Ако се воведе веронаука во училиштата ќе има помалку наркомани и дилери во Македонија“ или „Ако победиме на изборите ќе има повеќе работни места, ќе има странски инвестиции, ќе ги оправиме и исчистиме коловозите, ќе го намалиме криминалот, ќе најдеме лек за импотентните мажи и фригидните жени…“

Повикувањето на емоции е една од алатките со која што се користат агенциите за маркетинг и односи со јавност, но и политичарите. Овој вид на заблуда всушност претставува збир на повеќе заблуди чија главна цел е да разбудат силни позитивни или негативни емоции кај публиката.

Пример: „ВМРО создаде војна во Македонија, каде што загинаа млади деца и млади родители што зад себе оставија сирачиња! Не гласајте за нив!“ или „Грција не мрази и од секогаш не мразела, тие го негираат нашиот свет, македонски, библиски идентитет и нашата нација! Гласајте за нас!“ или „Со новата ______________ (вметни име на крема/шампон/гел за туширање/паста за заби) се чувствувате прекрасно, полетно, пролетно и весело! Сите ќе се вртат на улица по вас!“

Да не должам, мислам дека сфаќате што сакам да кажам. Има четириесетина видови на заблуди. Ќе забележите дека или сите или добар дел од нив ги користиме во секојдневната комуникација. Да, полесно е да поплукаш некој затоа што е припадник/симпатизер на одредена идеологија отколку да му се спротиставиш со аргументи. Меѓутоа се додека не се научиме како нација како да го препознаваме изметот што си го сервираме, се до тогаш ќе гласаме на избори и ќе се жалиме колку не ги бива политичарите.


Responses

  1. Ма ти си цар у мојте очи… Nice work… :))) But.. For Whom the bellss…… :)))) ????

  2. I jas isto mislam kako prethodnikot.Nema koj da cita,a ako cita nishto ne razbira.Golem problem e nekoj za sebe da kaze deka i pokraj fakultetska diploma i duri magister po odredena problematika ne si priznava deka sepak e nedovolno ili nikako educiran.Dovolno:
    da znae da se gleda sebesi vo ogledalo i da kaze deka e najdobar,otkako ke se namesti na dobro rab.mesto vo administracija zatoa shto e dobar po partiska oporedlba i ne znae da kaze deka car Trajan ima kozji ushi.

  3. Фантастичен текст! Продолжи да пишуваш те преколнувам! :)

    Многу добро четиво, нема што :)


Leave a response

Your response:

Categories