Која е разликата помеѓу Господ и Никола Груевски?
Господ не мисли дека е Груевски.
WordPress.com ми нуди дневен преглед на посетите на блогов, како и преглед на тоа кој текст колку посети добил. И лесно е да се забележи тенденцијата на публиката: деновите кога сум објавил „хумористични“ текстови има многу повеќе посети отколку при објавувањето на сериозни текстови. Значи, повеќето се тука за мајтапот, наместо за сериозноста. И нема апсолутно ништо лошо во тоа. И јас сакам да се смеам многу повеќе отколку што сакам да размислувам за сериозни работи.
Хуморот е феноменална работа. Иако нема некои сериозни студии за тоа дали хуморот е индикатор за интелигенција, има повеќе што го разгледуваат хуморот како одбрамбен механизам. Често пати кога сум се наоѓал во некои, навидум, безизлезни ситуации сум се зафркавал за да си ја олеснам „болката“. Точно е дека хуморот не ми ја сменил ситуацијата, ама барем сум се осеќал „подобро“.
Како се вика коњ со сперма на главата?
Букакефал.
Меѓутоа хуморот не го решава проблемот. Да се вратиме на првиот виц и малку да му ја смениме формата:
Никола Груевски мисли дека е Господ. Тоа значи: мисли дека е морално супериорен од останатите и дека сите мораме да правиме како што тој ќе каже.
(напомена за ВМРО-вците: за да го почувствувате ефектот што сакам да го постигнам, заменете го „Никола Груевски“ со Бранко, Љубчо, Тито Петковски, Жерновски, Еленовски… И онака не гледам голема разлика помеѓу сите нив)
Можеби е смешно, но овој пат остава горчлив вкус во устата.
Хуморот го отуѓува проблемот со тоа што го прави смешен. Она што е смешно, не можеме да го сфатиме сериозно. Она што не можеме да го сфатиме сериозно, не го сметаме како вредно за (сериозна) расправа. Она за што не можеме (сериозно) да расправаме не е вредно да се вложи енергија во него.
А има толку многу работи во Македонија за кои што не само што вреди да расправаме, туку и да се бориме.
Еве, на пример, цената на користени апарати за дијализа на интернет се движи од 1.000 до 5.000 долари. Да речеме дека нова, современа машина е 20.000 долари. Тоа е нешто помалку од 15.000 евра, ама ајде ќе заокружиме на 15. Тоа значи дека за еден ипол милион евра може да се купат 100 апарати за дијализа. Машина за компјутерска томографија, во зависност од произведувачот, чинат од 150, до 300 илјади долари, или, заокружено на 225 илјади евра. Значи, за 2,25 милиони евра може да се купат десет од најскапите машини за компјутерска томографија. До сега, тоа се 3,75 милиони евра. Цената на нова MRI машина е, од прилика, слична на онаа за компјутерска томографија, така што + уште 2,25 милиони евра е еднакво на точно 6 милиони евра.
Во оваа вест се вели дека владата одвоила 8 милиони евра за скопските статуи. Тоа значи дека можеле да останат уште 2 милиони евра кусур откако ќе се опремат болниците во Македонија со посовремена (и неопходна) технологија за некои поситни набавки и кампањи. Како на пример кампања за користење на контрацептиви (со посебен акцент на кондоми како важно орудие за борба против ширењето на венерични болести – меѓу кои и ХПВ и хепатит C). Или за плаќање на операции на тешко болните жители на Македонија кои што во моментов се оставени да питаат за сопственото здравје.
Но барем пред да умрат ќе можат да се сликаат покрај бикот, шмизлата, питачот, фраерот… А наскоро и покрај 22 метарскиот Александар качен на Букакефал. Знаете колку се 22 метри? Колку една седумкатница. Тоа значи дека ако се постави статуата пред мојата зграда, јас од мојот прозорец ќе можам да го чистам букакето што гулабите ќе му го приредат на Букефал.
Сакав да завршам со уште еден виц, ама некако слабо ми оди смеењето во моментов.
Една другарка ми го посочи овој линк откако кликнала линкот што води до пребарувањето на Гугл.
Поучно.
By: Бојан on Мај 8, 2009
at 2:05 pm