Posted by: Бојан | Мај 26, 2009

Алхемија и џипови

По nigredo следува albedo. Освен ако не сме заебале нешто во Процесот.

Старите алхемичари не верувале во буквалната трансформација на еден елемент во друг (олово во злато, на пример), туку во трансформацијата и кристализирањето на човековата душа (или, на грчки, психа). Најчесто Процесот инволвирал умртвување и гниење на одреден аспект на психата – а како што знаеме сите што сме учеле ЗПО во основно, трулежот знае да биде добро ѓубриво за оплеменување на почвата. На не-алхемичарите тој процес им се случува, во најмала рака, спонтано и ненадејно; најчесто кога се инволвирани егзистенцијални прашања. Посебно кога станува збор за животот.

Стравот од смртта е, до некаде, нормална работа. Судбината што ни е запишана во гените вели дека треба да опстанеме и да му помогнеме на видот да опстане со правење на деца. Стравот од смртта се влошува со доаѓањето на патријархалните и посебно јудео-христијанските религии на сцена. Во јудео-христијанската митологија се тврди дека ние се раѓаме како грешници и дека, најверојатно, како грешници и ќе умреме. Според таа логика, во Пеколот има многу повеќе души од Рајот. Како да не ни е страв од смртта кога знаеме дека кога ќе умреме ќе одиме во Пеколот?

Меѓутоа, нормалните (читај: нешизофренични) култури, кои што не се секирале толку многу за животот по смртта, туку за животот, смртта била само составен дел или последна фаза од животот. Самураите се екстремен пример за таквиот менталитет, како што покажува и овој пример од Hagakure:

Да се каже дека „умирањето без да се постигне животната цел е кучешка смрт“ е несериозниот говор на софистите. Поставени пред изборот помеѓу животот и смртта, не е неопходно да се постигне животната цел.
Сите сакаме да живееме. А, најчесто, логиката ни се заснова врз она што го сакаме. Но непостигнувањето на животната цел и продолжувањето со животот е кукавичлук. Ова е тенка, опасна линија. … Ако исправно се поставиме секое утро и секоја вечер, ќе може да живееме како телото да ни е веќе мртво, и тогаш ќе бидеме слободни на Патот (на Самураите). Целиот живот ќе ни биде без вина и ќе успееме во нашата работа.

За мене, една од најмоќните реченици во Hagakure вели:

Ако загинеш во битка, лешот треба да ти биде свртен кон непријателот.

Самураите се бореле без страв токму затоа што секој ден биле подготвени да умрат, затоа што за нив, со медитирањето на сопствената смрт на најразлични можни начини, смртта била дел од животот.

Имало и европски култури што сметале дека загинувањето во битка е голема чест – меѓу нив се викинзите и спартанците. Верувам дека и нашите словенски предци, заедно со античките предци, имале сличен став.

Но, вековите христијанска индоктринација навлегле во нашето колективно несвесно и денес не ни останало речиси ништо од карактерот на тие предци. Денес се молиме за здравје, работа, пари, секс, живот – а ретко кој од нас има муда да ја преземе одговорноста за сопствениот живот во свои раце. Па дури и за сопствената смрт. Наместо да сме свртени кон непријателот, ние или му се поклонуваме или бегаме од него. Еден од најтрогателните филмски мачо моменти за мене беше кога во Хајлендер Конор Меклауд за прв пат умре и неговата девојка плачеше покрај него; еден од браќата кажа „Жено, тој е горштак! Последното нешто што ќе го чуе не треба да биде звукот на уплакана жена!“. Кај викинзите, кога некој ќе загинел во битка, следувала прослава – не тагување. „Човекот загина во битка, еј! Валкирите ќе го однесат во Валхала и ќе пие медовина со Один и Тор!“ Дури и да го нема митот за Валхала и (речиси) вечниот пир со боговите, човекот умрел како човек – борејќи се за себе и за она во што верува. Тоа е смрт достојна за прослава!

А можеби и затоа толку плачеме, кукаме и кубеме коси. Можеби потсвесно знаеме дека човекот што умрел не го сторил тоа свртен кон непријателот. Живеејќи онака како што другите очекувале да живее: со наведната глава, без многу да ја бранува водата (како општествената, така и личната), за трошка леб, за малку среќа…

Затоа, една молба за крај. Размислете: наместо непотребно да трошиме на цркви, веронауки и статуи со кои што ќе се преправаме дека сме продуховен и културен народ, а од кои никој нема толку голема потреба, тие средства да ги собереме и да ги подариме на пример на некој дом за деца без родители, во некоја народна кујна, т.е. онаму каде што реално има потреба од таа милостиња. Зашто само така ќе ја постигнеме суштината нејзина и само така живите ќе имаат вистинска полза од неа.

Исто така, поважен е пркосот и гневот на живите отколку пренатрупаните „софри“ на поповите и политичарите. Наместо да им бараат и земаат пари на верниците и на граѓаните за крштевки, венчавки, погреби, даноци и казни, нека им ги даваат. „Донациите“ што ги добиваат во вид на превозни средства, нека ги продаваат или донираат во повредни, повисоки цели.

И повторно, каков што е мојот обичај, со катаната на појас, се радувам на следната Битка.

Секое добро и благословете се сами, затоа што никој друг нема.

93!


Responses

  1. veruvanjeto vo samiot sebe najmnogu mu pomaga na sekoj od nas.I najmal somnez ne pravi nesigurni i mislime deka site okolu nas se podobri,najdobri,i site se vo pravo osven nie .

  2. Bravo druze podobro kazano zdravje. Samo edna ispravka mesto da im davame milostinja na lugevo moze da se otvori po nekoe fabrice, nekoe pogonce da se razvie nekoj biznis vo koj kje bidat vkluceni tie koj sto nemaat ic, za da zarabotaat korka leb. Ti teknuva podobro da gi naucis da lovat riba odkolku da im davas sekoj den.

  3. Степенот до кој што сме стигнати, јас не би можел да го гледам отворањето на нови работни места како нешто повеќе од милостина. Иако се согласувам со тебе.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

Категории

Follow

Get every new post delivered to your Inbox.