Posted by: Бојан | June 9, 2009

Болното дете

Пред неколку месеци, еден пријател психијатар ми посочи една песна што се вика „Болно дете“. Успеав, колку-толку, да направам препев и го плеснав на блогов. Песната зборува за синдромот на „вечно недоволно“. Онаа состојба на разгалените, размазените деца што сакаат сè и го сакаат сега.

Песната на Џарел се занимава со принципот на задоволство на Фројд, каде id бара да му се задоволат потребите „тука, сега и веднаш“. Фројд го опишал id како „напален мајмун“ во вечна битка со „префинетата стара мома“ (супер-егото), во која единствен судија е „еден нервозен банкарски шалтерџија“ (егото). Детето на Џарел сака многу нешта и добива сè што ќе посака „тука, сега и веднаш“. Барем оние нешта на кои што може да се сети. А оние на кои што не може, ги моли да се сетат на него. Затоа што штом ќе се сети на нешто, тоа веќе не му е интересно и го бара следното. Желбите на тоа болно дете нема никогаш да се задоволат. Секогаш ќе има нешто друго, нешто повеќе. Не затоа што навистина има, туку затоа што тоа смета дека мора да има. И штом ќе дојде до тоа Повеќе, ќе бара нешто Уште Повеќе.

До одреден степен, претпоставувам дека болното дете го има кај секој од нас. Тоа може да се забележи во македонската политика во последниве (скоро) две децении. Може да се забележи на коктелите, свадбите, свечените ручеци (што ги плаќа некој друг). Може да се забележи кај секоја група на фанатици (христијани, муслимани, вегетаријанци, анти-глобалисти, капиталисти… – тука мислам на есктремните струи во овие групи, оние што сметаат дека целиот свет треба да биде како нив). Може да се забележи кај луѓето што прават пластични операции и никогаш не се сосема задоволни со носот, брадата, усните, брчките… Може да се забележи во нашите меѓучовечки односи.

Оној момент кога мислиме дека сè се врти околу нас, дека сè што ќе се каже во наше присуство (а понекогаш и без него) е, на некој начин, врзано за нас. Примери има еден тон и не сакам да трошам време на нив. Подраги ми се анти-примерите. Типичен анти-пример за болното дете е верникот. Да, добро прочитавте: верникот. Меѓутоа тука мислам на оној вистинскиот верник. Оној човек чија вера и љубов кон неговиот бог (како и да се вика) се такви што се доволни самите по себе. Таквиот човек не бара ништо од неговиот бог, а ја нуди сета своја љубов и вера. Знае – не претпоставува, знае – дека неговиот бог го сака подеднакво силно како и тој него. Знае дека нема потреба да бара нешто од неговиот бог затоа што може сè сам да постигне и добие. Луѓето околу себе (читај: сите луѓе, не само оние околу него) ги сака на подеднакво ист начин и знае – не претпоставува – дека и тие го сакаат него (на некој сопствен, за нив својствен начин). Таквиот човек знае дека нема потреба да оди во храм посветен исклучително на неговиот бог затоа што знае дека неговиот бог е секаде и во секој храм – понекогаш со исто, понекогаш со поинакво име. Знае дека нема потреба да го наметнува својот бог врз другите затоа што знае дека сите луѓе веруваат во него (на некој сопствен, за нив својствен начин). Таквиот човек, затоа што гледа дека е способен вистински и искрено да сака, знае – не претпоставува – дека е достоен да биде вистински и искрено сакан.

Не сакам никого да преобратам, ниту советувам некого да стане верник (јас и атеистите ги сметам за верници, а и кај нив има „вистински“ и „невистински“ атеисти). Но мислам дека светот стигнал тука затоа што сме му дозволиле на сексуално напалениот мајмун да биде посилен од старата мома со фини манири, наместо како вистински посредници во една војна да им дозволиме да престанат со тепачката, да се смират и да си помогнат еден на друг. Фините манири на старата мома може да го преобразат мајмунот во човек, додека сексуалниот нагон на мајмунот може да и помогне на старата мома конечно да стане жена.


Leave a response

Your response:

Categories