Posted by: Бојан | July 4, 2009

Иран, ајвар и огномет

или „Зошто не гледам телевизија

Денеска, 4ти јули, е важен ден за САД. На овој датум, пред 233 години, конгресот на 13те британски колонии, што во тој период војувале со Велика Британија, го усвоил текстот на Декларацијата на независност. Датумот важи како роденден на САД и секоја година е проследен со големи прослави и неверојатни огномети. Иако повеќето (да речеме 80%) Американци нема точно да знаат да ви кажат зошто се слави датумот или што значи Декларацијата на независност, повеќето од нив сепак го слават денот. И вреди да се слави. Ако ја прочитате декларацијата, ќе видите дека текстот го пишувале прилично слободумни луѓе (ирелевантно е дали биле масони или не) со кој што сакале да ги наведат причините зошто не им се допаѓа владеењето на Кралот. И причините се фино лепо наведени и човек би бил луд да каже „Не, ова не се доволно добри причини“. Јас да сум бил на местото на кралот, по првото читање на Декларацијата ќе сум кажел „У пизду матер, луѓево се у право! Дајте им независност и остајте ги на раат!“ (добро, би го кажал тоа на англиски и, најверојатно, со препотентен британски акцент „Leave those poor, silly chaps to their own devices, by Jove!“).

Делот што највеќе ми се допаѓа е почетокот (занемарете ги верските и историски чудните елементи – имајте на ум дека тогаш атеизмот речиси и да не бил познат како опција, а црнците воопшто не биле гледани како луѓе):

Сметаме дека овие вистини се очигледни: сите луѓе се создадени еднакви и се обдарени од нивниот Создател со одредени неотуѓиви Права, дека меѓу нев спаѓаат Животот, Слободата и потрагата по Среќа. Дека за да се обезбедат овие права, Луѓето создаваат Влади, чија моќ потекнува од оние со кои што се владее. Дека кога некој Вид на Власт станува деструктивен по овие цели, Народот има Право да ја смени или да ја укине и да воспостави нова Влада, поставувајќи ги нејзините темели на принципи и организирајќи ги нејзините моќи на таков начин што на нив ќе им делува како најдобар за осигурување на нивната Безбедност и Среќа. Разумноста наложува дека одамна етаблираните Влади не треба да се менуваат заради едноставни и минливи причини; а согласно со тоа, сето искуство покажало дека човештвото попрво ќе страда, додека маките се издржливи, наместо да се исправат со укинување на облиците на кои што се навикнати. Но, кога долга серија на злоставувања и узурпации, насочени кон истата Цел, укажува на обид да бидат сведени под апсолутен Деспотизам, нивно е правото, нивна е должноста, да ја срушат таквата Влада и да воспостават нови Чувари за нивната идна безбедност.

Феноменално, нели? Некој би кажал „Дури и по малку телемитски“. Толку е феноменално што ако немаше поднаслов текстов, тука и ќе завршев. Арно ама, телевизијата за мене е еден од поголемите проблеми во денешното општество. Повеќето од проблемите со медиумите се многу добро објаснети во феноменалниот филм Network (снимен 1976!). Она што мене највеќе ме боли е како сите ние живееме преку медиумите. Во англискиот има одличен збор за тоа: Vicarious. Бендот Tool последниот албум го почнаа со песна со ова име каде што многу сликовито го опишуваат значењето на зборот.

Некои од нас се навлечени на насилство, крв, тажни приказни, среќни приказни, хорор приказни и ги доживуваме емоциите што ги доживуваат луѓето на екранот. Иако ова не важи исклучиво за вестите и може комотно да го забележите кај вас кога гледате некој филм, сепак ќе се задржам на еден многу тазе пример од вестите: Иран.

Нема да ја направам грешката на поголемиот дел од западниот свет и да рипнам на CNN/Fox News бродот на „Слобода за Иран“ од проста причина што не живеам, ниту сум живеел во Иран. Ниту знам, ниту можам да знам што и зошто се случува таму. Одамна (март, април и јуни 1999) имам решено да не им верувам на западните медиуми – или барем она што ќе го кажат да го прифатам со огромна доза на скептицизам. Меѓутоа, ако лажат Големите, Малите можат подеднакво долго и интензивно да лажат. А како што некој одамна има кажано: „Ако повториш некоја лага милион пати, таа ќе стане вистина.“ Не велам дека е тоа случајот со Иран и со Иранците што твитаат и праќаат пораки до „Западниот свет“, ама тврдам дека има повеќе страни во секоја приказна.

Она што стварно ме изнервира во целата „Спасете го Иран“ еуфорија е токму еуфоријата, т.е. причините за фантастично лесното прифаќање на „Каузата“ – при тоа без да се знаат причините, поводот и заднината на таа Кауза. На страна што воопшто не се разликуваше од „антиквизацијата“ во Македонија, масовното „Твитање за Иран“ беше поттикнато од нашата сопствена импотенција. Не, не зборувам за немоќта „да им помогнеме на браќата во Иран“, туку импотенцијата да си помогнеме самите на себе. Верувам дека мнозинството луѓе низ светот чувствуваат потреба да застанат зад некоја кауза затоа што чувствуваат дека немаат никаква контрола врз сопствените животи. И тоа е, до некаде, во ред. Меѓутоа таквото размислување води до анорексија („Не можам да контролирам што ми се случува во животот, па затоа ќе контролирам што ќе ставам во желудникот!“), до шизофренија и до уште еден куп други (не толку) весели психијатриски класификации. Затоа се појавуваат десничари, христијани, левичари, анархисти, анти-глобалисти, феминисти, анти-феминисти, итн, итн, итн. И тоа е супер. Најсериозно, јас ја величам различноста. Ама само кога е вистински насочена.

Иранците, ако се угнетени, ќе се ослободат. Кога и да е. И вие ниту ќе им помогнете, ниту ќе им одмогнете со „Твитањето за Иран“. Ама сигурно ќе си одмогнете на себе. Сета фрустрација што се собира во вас во текот на еден работен ден, недела, месец, година… ќе ја истурите на „проклетиот Ахмединеџад и неговата теократија“. Наместо да се соживувате со „револуцијата“ во Иран, пробајте малку револуција во сопствените животи, во сопствените општини, градови, држави. Затоа што Американците не биле глупи кога ја напишале Декларацијата. Затоа и секоја година прштат огномети таму, додека кај нас се резервирани за победи на избори.

А ајварот? Ајварот се мачка на леб.


Responses

  1. “Наместо да се соживувате со „револуцијата“ во Иран, пробајте малку револуција во сопствените животи, во сопствените општини, градови, држави” Thumbs up!!!

    Izvrsno kolega, kao što sam i navikla od tebe: :)


Leave a response

Your response:

Categories