Posted by: Бојан | July 6, 2009

Fear and Loathing in Skopje

Ако не сте биле на местото на настанот, сигурно успеавте да чуете дека викендов македонската полиција вежбала „строгоќу“ и легитимирала преку 100, а привела 67 луѓе. Ако не, еве ви ги деталите.

Размислував како може да се третира ОА „Распуст“ и видов дека има повеќе правци. Еден би бил за тоа како лефтерно помина низ медиумите. Во повеќето медиуми настанот беше третиран како да се портпароли на МВР. И ги сфаќам. Најверојатно присуствувале на тепачка помеѓу пијани луѓе или се прошетале низ парк откако претходната вечер се пиело таму или виделе скршени излози (што, рака на срце, е реткост, ама се случува) и, нормално, не им се мили пијаните луѓе. Впрочем, на кој му се.

Може да се зборува и за тоа како она што го правела полицијата е повторно шминка на власта – шминка дека се прави нешто, шминка дека пробуваме да имаме здрава младина, шминка дека се спроведуваат законите. Нема да биде прв пат. Арно ама не верувам дека сите страдаме од масовна селективна амнезија и перцепција. Само еден од 16-те пијани бил малолетник и покрај тоа што изговорот за операцијата бил спречување на алкохолизирање на малолетниците. А во меѓувреме, што се деси со ограбените банки и возила што пренесувале пари? Не можам детално да ги следам медиумиве, па можно е да сум ги пропуштил вестите како се фатени крадците/убијците, или пак дека полицијата спречила некој таков грабеж. Можеби МВР не сака да се фали со достигнувањата? (ова последново беше сарказам)

Меѓутоа, најинтересниот аспект е дефинитивно втерувањето страв во коски на „бунтовнатамладина. Не е ништо ново ваквото однесување. Може да се види по школските дворови каде главниот „фраер“ малтретира некој помал и послаб од него. Најчесто малиот си молчи и го трпи ќотекот и малтретирањето. Проблемот е во тоа што ова е уште една во целата серија на грешки на власта.

Првин дојде законот за затворање на кафулињата на полноќ, па законот за прекршоци против „јавниот ред и мир“ (никој нема да ве обвини ако помислите „Орвел?!“ додека го читате законов), па законот за непродавање алкохол по 19:00… Влатко Ѓорчев во неговите колумни посветени на Иран често мрчеше против нивната теократија, при тоа заборавајќи да спомне дека повеќето закони и идеи на ДПМНЕ водат потекло токму од тие простори. Чекам да дојде денот кога алкохолот потполно ќе се забрани. Забранетото „пијанство на јавно место“ значи дека ако пиете на гости или во кафуле/дискотека, чекајте да се отрезните пред да излезете на улица. Не знаете дали баш тој ден им текнало да ве легитимираат и да им дувате во свирчето за да проверат колку алкохол имате во крвта.

Друга симптоматична работа при секое владеење на ДПМНЕ е дека „лесните“ дроги многу потешко се наоѓаат (за разлика од „потешките“). Зборуваме за оние видови на дроги што, како и алкохолот, му овозможуваат на „корисникот“ да се опушти и да заборави на политика, проблеми, живот, сè. Му треба на народот да се опушти. Посебно во ситуација каде што му е страв јавно да зборува против власта за да не го стегне некаква прекршочна пријава или некој што спонтано се нашол во близина да му врзе „две-три шлаканици“.

Тука ДПМНЕ треба да си ја научат лекцијата од интелектуално посупериорните СДСМ. За време на нивното владеење имаше и алкохол и „лесни“ дроги затоа што СДСМ знае дека пијан и/или издрогиран народ никогаш нема да се побуни.


Responses

  1. Definitvno si go citaat Orvel i ni gi primenuvaat istite semi vrz nas. :S
    Ama narod trpi se.


Leave a response

Your response:

Categories