Самураите имале, за денешно време, чуден поглед на светот и на нивните приоритети. На прво место била честа на нивниот господар, па дури потоа неговиот живот. Потоа доаѓала нивната чест, а нивниот сопствен живот речиси и да не бил на списокот на приоритети. Меѓутоа, мислам дека денес имаме погрешно мислење за тоа што значи зборот Чест.
Честа е директно поврзана со интегритетот. А интегритетот со одговорноста. Во концептот за чест на самураите било инкорпорирано навременото исполнување на обврски (во обврски, покрај работните задачи, спаѓаат и ветувањата), соодветствувањето на делата и зборовите, нелажењето, неизвитоперувањето на вистината (па макар и најмалку на цел свет) и сл.
Во еден разговор, деновиве, се спомна зборот „предавство“. Го дефиниравме како „активност во спротивен интерес на господарот/народот/државата/себе“. Ако еден самурај е обвинет за предавство и знае дека не е виновен, ќе бара дуел со обвинителот. Кога кажувам „дуел“, не мислам на вербално препукување, туку исукување на катани и борба до смрт. Меѓутоа, ако знае дека е виновен или ако се докаже неговата вина, вистински самурај ќе го исука своето танто или вакизаши, ќе си го збрца во стомак и ќе го распори стомакот од едната до другата страна. Бидејќи кодексот на самураите бара од нив да не се плашат од смртта (и, општо, да не се плашат од ништо), соочени со изборот „живот или смрт“, тие попрво ќе изберат достоинствена смрт (дали со seppuku или убиство од непријателот), отколку живот исполнет со знаењето дека си ја извалкале сопствената чест, сопствениот интегритет. Кај нив воопшто ја немало дилемата „Ако го направам ова, тогаш ќе има помалку шанси да ме убијат“.
Предавството, во претходно спомнатиот муабет, се спомна во контекст на она што се има случувано во Македонија. Еден од аргументите беше дека станувало збор за „присила од меѓународните фактори“. Дури и да е точно тоа (и да не станувало збор за тапацирање на банкарски конта во странство), зачувувањето на честа овозможува само еден избор: непредавство. Или, во најмала рака, обелоденување на предавството и причините за него. Веднаш проследено со ритуално самоубиство (па макар и да е само политичко).
Меѓутоа, самураите имале муда. Тие не биле ограничени со материјални потреби и за нив смртта била составен дел од животот. Посебно ако нивната смрт е крунисана со зачувување на честа.
Денес (и на овие простори), честа е премногу апстрактен поим. Многу луѓе ја мешаат со гордоста. Дури и христијански гледано, честа е доблест. Меѓутоа е доблест резервирана за ретките и за малкуте. Не ми верувате? Колку луѓе познавате што искрено ќе ја признаат грешката и ќе преземат одговорност за неа, наместо да ги рационализираат причините и условите при кои што е направена? Дури и кога ќе ја признаат грешката, најчесто следува „Да, ама знаеш, јас го направив ова заради тоа, тоа и тоа.“ Не ви е патетично оправдувањето на грешките? Треба да ви биде. Самурајот никогаш нема да се правда. Едноставно ќе ја прифати одговорноста и ќе си го распори стомакот.