Имаше еден период кога мислев која е поентата на „Не ми продавај муда за бубрези“. Бубрезите имаат многу важна функција, дури и поважна од мудата (барем за индивидуата, ако не за homo sapiens). Арно ама ниту еден орган кај човекот не е толку важен колку фигуративните муда. Истите оние фигуративни муда што на нас колективно, како луѓе, буквално ни недостасуваат.
Синоќа гледав еден одличен филм: „Лавови за јагниња“. Кога го прочитав синопсисот, првата реакција ми беше „О, не. Уште еден политички филм за воинственоста на Америка.“ И малку фалеше да не го изгледам. Но, поттикнат од немање на попаметна работа, го изгледав. Прво нешто што ќе го видите е одличната глума на тројцата главни, легендарни глумци: Роберт Редфорд (инаку и режисер на филмот), Мерил Стрип и Том Круз. Второ, ако имате очекувања дека некој ќе ви попува во филмот, заборавете на нив. Нема никакво попување. Има еден куп поставени прашања кои што треба гледачот да си ги одговори. И иако нуди правци за размислување, не врши никаков притисок.
Станува збор за три паралелни приказни што се одвиваат во рок од саат/саат ипол во различни временски зони: Авганистан, Вашингтон и Калифорнија. Во првата, американски хеликоптер паѓа во заседа и двајца од војниците паѓаат среде талибанска територија, опкружени со Талибанци. Во втората, еден млад, надежен конгресмен (Круз), питомец од Поинт Вест, Републиканец, близок со тогашниот врв на партијата, пробува да придобие една искусна, либерална новинарка (Стрип) за да ја офарба розово неговата идеја за „решавање на проблемот со Талибанците и општо тероризмот“. И во третата, еден универзитетски професор (Редфорд), кој што на времето бил регрутиран во Виетнам, инаку поранешен професор на двајцата војници од првата приказна, се обидува да убеди еден негов надежен студент, со тони и тони потенцијал, да почне да доаѓа на неговите предавања.
Првата приказна е, нормално, трагична. Двајцата војници се еден црнец и еден латино-американец, кои што изразнале во американските гета и заради спортските успеси добиле стипендија за скап универзитет. За време на еден проект што им го доделува професорот (Редфорд), тие добиваат одлични идеи како да решат голем дел од проблемите на американските тинејџери. Меѓутоа, наместо лицемерно да ја форсираат својата идеја по медиуми и невладини организации, тие решаваат да ја докажат преку пример – се пријавуваат во војска (добро, идејата не им беше сите тинејџери да одат во војска; напротив, беше многу посложена, меѓутоа за нив тоа беше вистинскиот чекор во тој момент). Професорот беше шокиран, ама кога ги соочи момците со сопствениот шок, тие многу добро му ја објаснија целта.
Втората приказна е истата онаа стандардна приказна каде што политичар пробува да убеди новинар што мисли дека има некакви принципи во време кога сопственици на медиумите се корпорации, во време кога битката не е за барање на вистината, туку за барање на „ексклузивата“. Во таа трка за „ексклузива“, новинарката доаѓа на приватен состанок со конгресменот кој што и го објаснува неговиот план за Авганистан. Не треба многу за да се назре перфидноста и манипулативноста на политичарот, меѓутоа новинарката бидува понесена од неговиот жар и донекаде успева да ја проголта приказната. Паѓаат доста обвинувања на обете адреси и сите се точни, како што си признаваат и самите ликови во приказната.
Третата приказна е навидум наједноставна (барем што се однесува на врската помеѓу ликовите), но токму таа е онаа што остава многу неодговорени прашања. А прашањата произлегуваат токму од едноставната врска помеѓу главните ликови – професорот и студентот. Студентот е класичен талентиран студент – белосветска мрза на кој што ич не му чуе за светот околу него, на кој што најважно му е кога ќе биде следната журка, кога следен пат ќе има шанси да лока алкохол и, воопшто, кога следен пат ќе може да не му биде гајле за ништо. Таа состојба многу добро ја има опишано 30-иот американски претседател Калвин Кулиџ:
Туркај напред. Ништо на светов не може да ја замени упорноста. Талентот не може; ништо на светов не е повообичаено од неуспешен човек со талент. Генијот не може; ненаградениот гениј е речиси пословица. Образованието не може; светот е полн со образувани бездомници. Само упорноста и решителноста се семоќни.
Професорот му нуди зделка на студентот: Прифати на крај да ти пишам В (наша средношколска 4ка или факултетска 8ца), ама да не ми се појавуваш на предавања или доаѓај на предавања и бори се за повисока оценка. Тераат најразлични муабети во преговорите за зделката, меѓутоа повеќето се вртат околу искуството и посветеноста. Две нешта што дотичниот студент ги нема (освен ако не станува збор за посветеност во пиењето алкохол). Не е дека студентот нема аргументи… Во еден момент му плеска на професорот во фаца како тоа храбри, посветени момци завршуваат на бојни полиња. Професорот му одговара цитирајќи еден германски генерал што пишувал за храброста на англиските војници и кукавичлукот на нивните офицери во Првата светска војна:
Никогаш претходно немам видено такви лавови да бидат водени од такви јагниња.
Претпоставувам дека тоа е нормална состојба во светот на човекот – јагнињата да си одгледуваат и обучуваат лавови што ќе се борат на место нив. И сигурен сум дека јагнињата ќе создадат такви услови и ќе изградат таков кафез да лавовите не знаат за ништо друго освен да се борат во името на јагнињата. Тие примери од секогаш ги имало, секогаш и ќе ги има. Барем во светот на човекот. Причината е едноставна, а професорот многу добро ја лоцира во муабетот за одлуката на студентот за „зделката“:
Професорот: Одлуките што ги носиш денес, батка, не може да се сменат освен со години и години тешка работа… И во тие години се претвораш во нешто поинакво. На секој му се случува тоа со тек на време. Се венчаш, подигаш кредити… Но никогаш нема да бидеш истиот што си денес. А потенцијалот и блескавата иднина? Тие се променливи и може веќе да не се тука.
Студентот: Зарем претпоставуваш дека веќе решив? И дека ќе зажалам за тоа?
Професорот: Сè што кажувам е дека си веќе возрасен… И заебаното кај возрасноста е дека почнува пред да се свестиш, кога веќе имаш направено десетина одлуки како возрасен. Но она што треба да го знаеш, Тод, веќе не те гледаат спасувачи. Оставен си сам на себе. Свој човек си и одлуките што ќе ги донесеш денес се твои и само твои, од денес па сè до крајот.
Една од животните лекции што ги имам научено е дека на човек можеш само да му земеш со сила, не и да му дадеш. Знам дека сè она што го пишувам можеби нема да вроди со плод, дека можеби само 2% од она што е веќе напишано и уште толку од она што допрва ќе се пишува и прави ќе биде сфатено сериозно – онака како што е наменето. Има луѓе што ми забележуваат дека имам агресивен настап на блогов или дека работите ги кажувам премногу едноставно. Меѓутоа знам дека сите ние сме исправени пред избор: дали ќе бидеме лавови водени од јагниња, или само лавови. Фигуративните муда не можете да ги купите. Или ќе ги имате, или ќе ги немате.
Изборот е наш, а одлуката… Мојата си ја знам.
се думам од одамна (на веков) али да ти ко-менторирам, али не, ама нити го имам товоето време и нерви (благо теби, ќебапите за мене:) ), нити на-кур-чесност, и зато само за сега палци горе, иако работам на твоја структурна демистификација (пример, негова суштина, апликативен коментар во познат локален контекст). Еми ај кога почнав. Согледувањљта ти се на место (разумни, аргументирани, остри), ама не можам да видам колку се целисходни, то ест какви иљачи имаш, ако воопшто тоа ти е дел од помислите твои. оти искрено, ми се допаѓа твојата дијагноза, ама докторе , дај малу рицино. :)
By: тако on July 12, 2009
at 10:51 pm
Сепак не ти е објаснета основната смисла на “муда за бубрези”. Во месарската терминологија, бубрези си се бубрези, арно ама, мудата се продаваат под еуфемистичкиот назив “бели бубрези”, пошто се слични по вкус, а не и по боја со нормалните бубрези.
Е сега, месарите често знаат да ги замешаат двете категории на “бубрези”, или да не ја нагласат бојата на “бубрезите” шо ги продаваат (црните се поскапи од белите), така да значењето на самата изрека е дека некој, менувајќи го само името на стварта, покушава да ти продаде нешто како the real thing.
By: The Swekster on July 16, 2009
at 10:17 am