Posted by: Бојан | Август 21, 2009

Маченици, страшила и чудовишта

Луѓето од секогаш биле луѓе и, најверојатно, за жал, секогаш ќе си останат луѓе. Аморфна маса составена од навидум лоботомизирани не-индивидуи, подготвени да се насочат како рој африкански пчели кон кој и да е извор на закана по безбедноста на нивното гнездо. Понекогаш таа закана е реална, но најчесто станува збор за лош сплет на околности.

Вчера на Фејсбук видов дека има група што се залага за ослободување на навивачката група Комити од одговорноста за инцидентот во Нерези. Демек „ете, пак се Комитите на тапет! Секогаш тие се виновни!“ Лесно е една група на луѓе да се претвори во маченици. Погледнете ги Евреите – од Втората светска војна па наваму доволно е да покажат со обвинувачки прст кон некој и да кажат „Анти-семит!“ за да тој човек биде осуден од пошироката јавност. Не е ни битно дали се во право или не. „Анти-семитизмот“ е современо страшило затоа што ги потсетува луѓето на сликите од нацистичките концентрациони логори: изгладнети луѓе што повеќе наликуваат на скелети, масивни крематориуми и масовни гробници, хорор тушеви и „хумани“ сапуни. Анти-семитизмот може да се користи како страшило затоа што Евреите во Втората светска војна навистина страдале. Дури и да се точни тврдењата на некои „ревизионисти“ дека не биле убиени баш шест милиони Евреи, понижувањата, малтретирањето и експериментите што се вршени врз нив се доволни за да тие бидат мачениците на Втората светска војна. Колку што знам, тие немале песни во кои тврдат како ги тепаат нацистите и им ги ебат жените. Се труделе да ги преживеат ужасите. Тоа е една од причините зошто се маченици.

Од друга страна пак, Комитите можеби и не се толку невини колку што сакаат да се покажат. Штом во медиумите се спомна дека „мотивирачките“ песни на Комитите повикуваат на меѓуетничка омраза и насилство, како и дека тоа може многу фино да се види на нивниот сајт, сајтот отишол на „преработка“. Но, како што вели Филип, она што еднаш било ставено на интернет тешко е да го „снема“. Доволно е да се искористат достапните алатки и може да се прочитаат „мотивирачките“ песни на Комитите. Слободно прочитајте ги. Ќе ве почекам.

Забавно, нели? Тепање и ебење во името на Исус, Вардар и Македонија (нема ништо лошо во ебењето, ама она во нивните песни повеќе звучи како силување). Не се баш маченички песни. Ама затоа се полни со македонските страшила. Како што веќе имам спомнато, многу е полесно да мразиш некого кога од човек ќе го претвориш во предмет – не за џабе се вели „предмет на мојата омраза“. Страшилото е предмет – имитација на човек, полн со слама. На страшилото можеш да му правиш што сакаш, без никакви правни и морални реперкусии. Ниту Исус нема да се налути ако го натепаш и ебеш страшилото.

Нормално, кога би знаел Исус дека тоа страшило е всушност човек, дека е еден од твоите ближни за кои што велел дека треба да ги сакаме како што се сакаме себе, не само што ќе ти се налути, туку и ќе се разочара од тебе и ќе те прати директно во пеколот. Без да поминеш преку „Старт“ и без да земеш $200. Но затоа, твојата црква, онаа воспоставена од „комуњарите“ пред педесетина години, нема проблем со тепањето на страшила. Затоа што само така човекот може да се ослободи од своите фрустрации. А фрустрациите се опасни. Ако доволно долго се фрустрираш, можеби и ќе го забележиш вистинскиот извор на своите фрустрации: световната и духовната власт.

На власта (и духовна и световна) и се неопходни страшила и херои. Едните ги имаат Ѓа’оло’ наспроти Исус, а другите Грчиштата, Србендите, Бугарчиштата, Шиптарите наспроти Филип, Александар, Самоил, Гоце… На првите им е полесно затоа што сè она што не се вклопува во нивниот светоглед, во нивните рамки и не им одговара на нивните потреби може да се етикетира како „дело на Нечестивиот“. Овие вторите мораат на секое нешто посебна етикета да му залепат. Во секој случај, НЗС е етикетирањето, т.е. категоризацијата. Сместување на секое нешто во засебна фиока, за да по потреба се извади и натепа/изебе. Меѓутоа тоа етикетирање, неосудувањето (што е, горе-долу, премолчано одобрување) на насилството создава чудовишта.

Ако ги разгледате бајките и хорор филмовите ќе видите дека заедничкото на сите чудовишта е недостатокот на морални кочници. Ниту еден од аждерите, вампирите, врколаците, сериските убијци не застанува да праша „Дали ова што го правам е лошо?“ Најчесто тоа се должи на нивната морална супериорност „Убивам затоа што јас сум повисок облик на (не)живот, затоа што треба да се прехранам, затоа што другите се овци за колење, затоа што верувам во вистинскиот бог…“ Потенцирањето на разликите е старошколски начин за опредметување/етикетирање на Другиот.

Затоа и сум толкав приврзаник на еволутивното, биолошкото гледање на светот. Ако верувам во Исус како мој бог и што сè не, за мене секој што не верува во него е осуден на вечно страдање во пеколот. Меѓутоа ако јас сум човек, ако сум homo sapiens, тогаш и оној Другиот можам да го етикетирам како човек. А ако и тој другиот е човек, многу полесно можеме да најдеме заеднички јазик – па макар и да е тоа мафтање со рацете во воздух. Индивидуата, човекот секогаш може да најде заеднички јазик со друга индивидуа. Проблемот се јавува при групирањето.

Поголемиот дел од луѓето не се свесни дека при стапувањето во поголема група, најчесто, се откажуваат од својата индивидуалност и дозволуваат најсилниот во групата – водачот, лидерот, пастирот – да ги „хипнотизира“ и насочува. Тоа и не е толку голем проблем ако пастирот има чесни намери (на пр. митот за Мојсеј кој што ги извел Евреите од Египет). Но во моментот кога ќе се разбуди егото на водачот, почнуваат обвинувањата, покажувањата со прст и, нормално, пеењето на „патриотски“ песни. И да се разбереме: хипноза не постои. Никој не може да ве натера да правите нешто што никогаш не би го направиле. Ако некој успее да ве „натера“ да повредите некој друг, тоа не е затоа што има којзнае каква моќ, туку затоа што го искористил она што веќе го има во вас.

Можеби затоа и толпите се толку сурови и привлечни. Од една страна никој не те гледа и не ти суди за она што го правиш, а од друга можеш да си ги исполниш и најскриените желби и фантазии, лишен од одговорноста за сопствените постапки затоа што, ете, моќниот пастир те хипнотизирал. Како што има кажано некој:

Повеќето луѓе се плашат од слободата затоа што слободата значи одговорност. Тие сакаат слобода од одговорност.


Responses

  1. Еден пријател ми кажа дека сме во забуна ние трубачите дека Комити по спомнувањето на песните по медиумите го тргнале сајтот. Тие имаат нов домејн: http://www.komiti.org/ Затоа се извинувам за обвинувањето дека сајтот е „тргнат за да се преработи“.

    На новиот домејн не успеав да ги најдам текстовите на песните. Но пријателот што ме поправи ми кажа дека Комити се уште ги пеат истите песни. Така што, врти-сучи…

  2. Бојан, тој сајтот што наводно не бил на Комити (а за разлика од .орг е регистриран во Македонија, оној другион е сопственост на некој Бугарин) бил активен сосе песните на 5 август, според Гугл кеш. Затворањето се случило во меѓувреме.

    Иако немам докази за тоа, сепак мислам дека имало врска со вадењето на „мачката од вреќа“ во врска со песните и другите навивачки активности.

  3. Иначе, во врска со толпите, го обожавам слоганот на Anonymous:
    None of us are as cruel as all of us.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

Категории

Follow

Get every new post delivered to your Inbox.