Posted by: Бојан | Октомври 4, 2009

„Е како бе?“

Текстов е одговор на коментарите на мојот текст на Окно од минатиот понеделник.

Дефетизмот е најверојатно најзаебаниот став што човек може да го има во врска со што и да е. Ако си дефетист, ти веќе си ја загубил не само „битката“ туку и „војната“. Тоа го знам како од лично, така и од искуството на другите. Таквиот став е не само непродуктивен туку и контрапродуктивен. Дефетистот си ја уништува секоја шанса за „победа“ уште пред да почне да „војува“. Тој, ако воопшто влезе, влегува во „војната“ со ставот дека ќе ја загуби, дека не е ни возможно да победи, дека е поарно да не се ни обидува затоа што грозјето е кисело.

Размислете троа каде ќе беше светов ако Дарвин, откако ги донел оние заклучоци што ги донел, кажел „Не бре, нема шанси да се прифати оваа теорија. Човекот е создаден од кал, а не тука со моево дека еволуирал од пониски форми на живот.“ Или ако браќата Рајт се откажеле од помислата да направат авион затоа што, ете, во историјата немало пример дека човекот може да лета (на овој или оној начин). Или ако идните Американци се откажеле од нивната револуција затоа што, ете, нема доказ дека некој успешно се побунил против Британците и британскиот престол.

Вакви примери има многу. Резултатите се дискутабилни, признавам (авионите црпат непотребно премногу ресурси и се загадувачи, денешните Американци се плевел наместо револуционери, итн.). Меѓутоа истрајноста и желбата за победа, за подобар живот, за подобар свет е она што го влече човештвото напред (барем во технолошки смисол, ако не во општествен).

Кога го напишав текстот на Окно, воопшто не очекував дека ќе треба да се дообјаснувам. И се уште сметам дека нема потреба, дека оние што сакале да го разберат текстот го разбрале. Но, ете. Пустата потреба да не бидам погрешно разбран… Споредбата на функционирањето со/во системот со водење љубов мислам дека е доволно јасна. Зарем треба да објаснувам дека има мал милион начини за водење љубов? Дека понекогаш „учесниците“ не мора да бидат голи за да водат љубов, дека може да има role playing, дека „предиграта“ е подеднакво важна/забавна/интересна/вредна како и „пенетрацијата“? До толку ли е потребно да кажам дека она што може да се види во порничите не е водење љубов туку ебење? Дека текстовите што ги имаше во југословенската Еротика беа многу подобри за „сексуално образование“ од она што се зборуваше во маало дека сме го гледале после 12 на SAT1 или RTL?

Истото важи и за водењето љубов со системот. Јазикот што го користиме е многу битен фактор во начинот на кој што функционираме и објаснува како го перцепираме светот околу нас. Ако го гледаме системот како ненаситен ѕвер, тогаш ќе мислиме дека треба да се најде јунак што ќе го убие ѕверот и со тоа ќе ја освои љубовта на принцезата. Додека ние, обичните смртници, селани во кралството каде што ѕверот жари и пали, ќе чекаме да се појави тој митски херој. Да, митологијата е важна, но од поинаков аспект. Митологијата ни кажува каков е нашиот ментален склоп. Во случајов со ѕверот, митологијата може да помогне само ако јас, ти, тој, ние, вие, тие веруваме дека сме херојот од приказната. Па дури и тогаш може да биде контрапродуктивно ако земеме сите да се тепаме меѓу себе кој ќе биде „вистинскиот“ херој. Затоа што херој може да биде само еден – ако сме сите херои, тогаш никој од нас нема да биде селанец кој чека да биде избавен од канџите и гладта на ѕверот.

Она што речиси година дена се обидувам да го пренесам во текстовите тука и последниве месец дена со текстовите на Окно е дека ние ја имаме моќта да ги смениме работите. Дека се додека се чека на некој од страна да го стори тоа за нас, секогаш ќе бидеме „ебана странка“ и газот секогаш ќе ни биде од позади. Дека чекањето да се „случи нешто“ значи оставање на околностите и другите луѓе да решаваат во кој правец ќе се движи нашиот живот.

Да, гневен сум. Дефетизмот секогаш ме вади од такт. Меѓутоа, од друга страна, јас сум непоправлив оптимист. Доволно сум гневен за да не ми се допаѓа состојбата и да сакам да сменам нешто, а доволно сум оптимист за да не почнам да кенкам како „Не вреди да се пробува зашто грозјето е кисело“. Оние што ги имаат „жетоните“ за флиперот наречен Систем не можат да водат љубов со него или затоа што не сакаат или затоа што не знаат. Тоа треба да е доволно јасно од владеењето на партиите во нашиве речиси две децении транзиција. Едни сакаат системот цело време да им го пуши без да вложат грам напор за подобрување на нивните односи, додека другите сакаат да го ебат без да се соблечат. Повторно ќе повторам (и ќе повторувам уште многу пати се додека не стане кристално јасно тоа): ако нешто не се случило, не значи дека не може да се случи. Македонија никогаш не била самостојна држава, па ете, сега сме. Во Скопје никогаш не шетал слон по улици, па ете, се случи и тоа. На светот со милениуми немало струја, па ете, денес не можеме без неа.

За секоја промена потребни се желба, волја и труд. По тој редослед. Ако нема желба, тоа значи дека се е во ред. Ако има желба, а нема волја, тоа значи дека ни е сеедно дали ќе се смени нешто или не. Ако има желба и волја, но нема труд, тоа значи дека сме мрзливи. А и дека ни е сеедно. Или дека чекаме некој друг да се појави што ќе го направи првиот чекор. Ама… чекајќи друг да го направи првиот чекор, најчесто ќе останеме со празни раце, незадоволени и (сексуално) исфрустрирани. И ќе почнеме да викаме како мажите/жените се срање. Дека се ѕверови, курви, шупци, кучки, глупаци… Не знам за вас, ама јас би попрво да водам љубов отколку да си ги лечам фрустрациите.

За оние навистина тврдоглавите: „водењето љубов со системот“ не значи тртење за да системот ви го опне, туку взаемна почит помеѓу двајцата „љубовници“. „Водењето љубов“ може да има речиси секаква форма. И иако формата е доволно битна, многу се побитни содржината и композицијата. Кога во првиот текст на Окно кажав дека е многу побитно што и како ќе мислите за себе, мислев токму на тоа дали ќе се гледате како уште еден запчаник во системот или како „херој“ што сака да се бори со ѕверот или како некој што е подготвен да вложи време, енергија и љубов за да направи нашава патолошка врска со системот да прерасне во нешто во што ќе може да се ужива наместо живурка. Да, треба да има желба, волја и труд. Но тоа значи и желба, волја и труд за образување и информирање, за планирање, за подготовка, за инвестирање во себе и во „врската“. Самиот израз „водење љубов“ имплицира труд, работа и умешност. Па дури и уметност.

И за оние стварно глупавите: не пишувам за да покажам колку и дали воопшто сум паметен. Сакам да се откажете од потребата некој друг да ви кажува „како треба да се прави“, да се откажете од сопствените програми за она „како е“ и што (не) може да се направи и да станете свесни дека ако сакате може сè да сторите. Ограничувањата постојат само во нашите глави.


Responses

  1. Во врска со авионите, еве ти една споредбена анализа – барем тебе да те едуцирам.

    http://en.wikipedia.org/wiki/Fuel_efficiency_in_transportation

    Поефикасни се и од автомобилите, и од автобусите.

    Propaganda much?

  2. „Од она што бегаш, тоа ќе те снајде“ :)

    Како што ти спомнав на Skype, „дискутабилноста“ за ефикасноста на авионите ја спомнав за да избегнам непотребни коментари од типот „Абе сеа, тие Рајт ја заебале работата и ни направиле противуслуга“ :)

    Иако, авионите се каде-каде понеефикасни од МагЛев баграта.

  3. А бе ти, да не заборави дека имаш блог и дека некој те чита? Да не немаш инспирација? Ајде седнувај таму и стопли си го столчето, редно е да почастиш со некој муабет. :)
    Те сака таа што увек те нервирала! :p


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

Категории

Follow

Get every new post delivered to your Inbox.