Posted by: Бојан | Април 8, 2009

Отворено, секуларно писмо до Владиката Пимен

Ја прочитав Вашата колумна во вчерашното издание на Дневник. Не сум од оние што не знаат да читаат и спомнувањето на „крвави лопати“ го прочитав како што (мислам дека) е и наменето: Ако се случи тепачка тогаш, можно е да падне крв. А не сакам да се случи тоа. Не го сметам за предупредување, туку молба до Вашиот бог и до можните учесници да не дозволат такво нешто.

Затоа и ме радува Вашето обраќање. И покрај тоа што не беше спомнато дека оние што протестираа против изградбата изедоа ќотек, а не верниците. Да, се сложувам дека е лесно да се покаже со прстот кон Другиот. Тоа го сторил Јанко на телевизија, вечерта на 27ми март, а и на неговиот блог. За мене лично е многу полесно да покажам со прстот кон актуелната власт и да кажам: Ете кој е виновен. И сум цврсто убеден дека (барем кога станува збор за десекуларизација на Македонија) сум во право. Исто како што Вие сте во право кога велите дека имате право да бидете свештеник во Црквата што сте ја избрале за своја.

Јас сум против градењето на каков и да е објект на плоштадот (верувам, на пример, дека би било попаметна инвестиција да се насадат дрвја околу него за пак да има сенка). Но пред се сум против изградба на црква. Првин затоа што сметам дека на еден вистински верник не му е потребна зграда – колку и да е таа побожна и врзана за неговата вероисповест – за да верува, за да го сака и за да му искаже почит на својот бог. Второ, затоа што сум цврсто убеден дека во Македонија има (повеќе од) доволно цркви (впрочем, какви и да се верски објекти) за да можат сите верници да ја практикуваат својата вероисповест онака како што сакаат и мислат дека треба. И трето, затоа што знам дека парите дадени за каков и да е објект, без разлика дали е црква, споменик или бордел, можат да се искористат на многу посоодветен начин. Без разлика дали тие пари ги дава власта, Црквата или физички/правни лица. Сигурен сум дека со парите предвидени за таа црква може да се купи барем еден (а ако не и повеќе) апарат за дијализа. Дека може да се опреми некоја (ако не и сите) болница со сиот оној потрошен материјал. Дека може да се платат операции на повеќе од едно дете болно од којзнае каква болест, чии родители мораат да зависат од милостината на другите за да може нивното дете да порасне, колку-толку, среќно.

Демагогија? Можеби. Но Ве предизвикувам да и противречите на последната, трета причина.

Јас можам многу лесно да и противречам на Вашата, како што јас ја прочитав, параноја.

Колку пати, од осамостојувањето на Македонија па наваму, Ве нападнале „секуларисти“ со тупаници и клоци? Колку пати луѓе Ве гледале попреку затоа што не го делите мислењето на мнозинството? Колку пати сте имале проблеми со полиција затоа што носите верски обележја? Колку пати покажувале со прст кон Вас затоа што сте поинаков од другите?

Јас немам никаков проблем со која и да е вероисповест, се додека си се држи до себе и своите. Оние што се уште не решиле дали ќе бидат атеисти, христијани, муслимани или што и да е, ќе си го најдат сами Патот. Јас мојот го најдов откако пробав неколку различни вкусови и сите освен овој ми оставаа лош aftertaste. На луѓето може со сила само да им земете нешто, а не и да им дадете. Јас не одам наоколу, проповедајќи ги доблестите на Телема, велејќи му на Другиот дека неговата вероисповест не чини (добро, освен кога ќе наидам на фундаменталист).

Јас не барам да се изгради телемитски храм. Јас сакам да остане досегашниот статус кво. Сакам да знам дека моите деца (ако заради некое чудо решам да останам во Македонија) нема да бидат индоктринирани на училиште со догма – без да им се понуди алтернатива – додека се уште не се способни да решат дали таа догма е нешто во што тие би верувале. Сакам да знам дека Македонија и Македонците не размислуваат толку што тие можат да сторат за христијанскиот бог, туку повеќе да се свртат кон она што може да го сторат за себе и подобрување на сопствениот квалитет на живот (нели Бог им помага на оние што си помагаат самите на себе).

Дури откако ќе се создадат услови сите (или во најлош случај мнозинството) да уживаме во благодетите на нормална, правна држава, дури тогаш да почнеме да кршиме копја околу тоа каде треба или може да се изгради црква. Во такви услови, јас прв ќе рипнам да го бранам правото на христијаните да си градат храмови. Затоа што иако сакам секуларна држава, каде што нема да бидам бомбардиран со туѓи догми, јас сепак го почитувам Вашето право на истото.

Со почит,

Бојан Антиќ

Инаку, денеска се слави првиот од трите дена од пишувањето на Книгата на Законот. Како што вели педесет и седмиот стих од првиот дел:

Љубовта е законот, љубов под волја. Не им дозволувај на будалите да ја згрешат љубовта; бидејќи има љубов и љубов. Тука е гулабот, а тука е змијата. Избери добро!


Responses

  1. браво за текстов….


Напишете коментар

Категории